|
|
Секоја година, 28 Март, денот на раѓањето на Јан Амос Коменски се прославува како Патронен ден нашето училиште. По тој повод, се организираат разни активности во нашето училиште-спортски натпревари, литературно читање и литературен конкурс , ликовен конкурс, приредба, работилници по повод патрониот празник..... Наградените литературни творби и цртежи на овогодинешниот конкурс, може да ги прочитате и видите на нашиот веб сајт. ЈАН АМОС КОМЕНСКИ
Јан Амос Коменски – великан на европската и светската педагошка мисла и практика. Во историјата на педагогијата е носител на современите педагошки идеи, не само во својата земја, туку и во целиот свет. Роден е во Чешка, во семејство на воденичар. Рано го изгубил семејството и имал тешко детство, но со голема трудољубивост, упорност и љубов кон учењето, успеал во животот. Во негово време, католичката црква деминирала на културниот и просветниот развиток. Коменски излегол од рамките на религиозната идеологија и на својот педагошки систем му дава прогресивна содржина. Својот поглед на свет и педагошките идеи ги формирал под влијание на материјалистичкото струење во филозофијата и индуктивниот метод на сознание и на тој начин поставил основа на нов педагошки систем. Неговата педагошка мисла е проткаена со длабок хуманизам и демократичност, со неизмерна љубов и почит кон децата, со цврста верба дека и најнеспособното дете може да се воспита во корисен член на општеството. Длабоката верба во образованието е она што е најсуштествено за Коменски. Тој бил уверен дека со помош на правилно поставување и добро ангажирање на просветата е можно да се оствари полна благосостојба на народот. “Знаењето треба да е достапно за сите”, а за реализирање на ова биле потребни учебници и затоа се зафаќа со пишување на истите. Уште како студент работел на речникот на чешки јазик и напишал серија популарни книшки за возрасни од сите научни гранки. Работи на подобрувањето и усовршувањето на наставата и воопшто на воспитанието и образованието. Бил неуморен борец за воведување на мајчин јазик во училиштата. “Учењето на мајчин јазик е врата за другите јазици и основа за совладување на другите предмети”. Коменски му придавал големо значење на наставникот сметајќи ја неговата должност за многу угледна “Толку возвишена колку ниедна друга под сонцето”. Тоа било и неговото прогресивно сфаќање за функцијата на учителот. Во 1631 година, тој го напишал делото “Отворена врата кон јазиците”, со кое станал мошне познат во светот. Делото било преведено на 12 европски и 4 азиски јазици. Во него, Коменски зборува за потребата наставата да се базира на набљудувањето на нештата, со што го го отфрлил вербализмот, кој во тогашното училиште претставувал основен наставен метод. Во 1632 година, го напишал познатото дело “ Дидактика магна” (“Голема дидактика”). Ова дело се смета за зачеток на новото воспитание и образование. Со ова дело Коменски станал централна фигура на воспитно - школските реформи на своето време. Неговите идеи со воодушевување биле прифатени во тогаш најпрогресивните кругови и бил повикуван од владите и парламентите на разни земји да ги реформира нивните воспитношколски систем ( Англија, Унгарија, Шведска и др.). Во 1654 година, Коменски го напишал делото “Свет во слики” или “Орбис Пиктус”. Тоа бил учебник по нагледна настава, со енциклопедиски карактер во содржината. Исто како и другите дела и ова дело било преведено на многу јазици и доживеало бројни изданија. Посебно место во педагогијата, заземаат дидактичките погледи на Коменски . Тој бил иноватор во областа на дидактиката, истакнувајќи многу длабоки прогресивни дидактички идеи и правила за организацијата на училишната работа. Го формирал основниот принцип на својата дидактика - принципот на реализам во наставата. Се залагал за златното правило во дидактиката - нагледноста. “Се што е можно треба да им се даде на сетилата”, пишува тој. Во неговите погледи значајно место имале и постапноста, темелноста и трајноста. Оттука треба да се одбележи дека Коменски, не само што е основач на дидактиката туку е и најголем дидактичар во историјата на педагогијата. Иако пред повеќе од четири века од раѓањето, животот и работата на Јан Амос Коменски - Великан, многу од неговите дидактички решенија се применуваат - денес во современото училиште.
|
|