|
|
ЛИТЕРАТУРНА СЕКЦИЈА Во рамките на слободните ученички активности успешно работи и литературната секција под раководство на наставничката по македонски јазик Гразданка Кажлева. Во неа учениците пројавуваат интерес и афинитет кон создавањето прозни и поетски литературни творби и ги прават своите први обиди на полето на литературата. Активноста на учениците се проширува и преку организирани литературни средби на кои се поканети членови од други литературни секции од соседните училишта, а средбите се збогатени со присуство на афирмирани поети и писатели, кои се претставуваат со своите дела. Членовите на секцијата редовно учествуваат на распишаните литературни конкурси и често ги освојуваат првите награди, што е уште еден доказ дека секцијата успешно работи. Наградени литературни творби за патронат 2004 год.
Посебно место во слободните ученички активности во нашето училиште зазема и драмско-рецитаторската секција. На овие часови учениците се збогатуваат со нови знаења и вештини од областа на драматургијата. Се оспособуваат за талентирано интерпретирање на уметничкиот збор. Посебно им се открива талентот за сценската уметност, движењата, говорот, импровизацијата. Ова кај учениците ја потикнува нивната инвентивност и креативност. Како и секоја друга уметност и овде учениците се збогатуваат со критички дух. Целта на овие членови е јасна да го развиваат и јакнат својот квалитет и се разбира да чуствуваат љубов кон пишаниот збор. За јубилејот триесет години од постоењето на нашето училиште драмската секција ја подготви театарската претстава "Аз Буки Веди". Но не е само тоа туку на секој Патронен празник настапува со театарска претстава. Иако сме аматери-велат учениците, "Ние докажуваме дека можеме и сакаме да бидеме професионални артисти и да газиме по штиците што живот значат". Со оваа секција повеќе од 15 години раководи наставничката Силвана Жабевска.
Библиотеката во нашето училиште постои од 1985 година. Богато е снабдена со книги од сите жанрови, а пред се со оние кои што им се неопходни на учениците за обработка во наставата. Со библиотеката со голем успех работи библиотекарката Маргарита Филиповска. За љубовта кон книгата, секако најзаслужни се наставниците по македонски јазик, зошто навистина успеале кај своите ученици да всадат огромна љубов кон книгата. Почетниот фонд на библиотеката изнесувал 4800 книги, а денес тој број е тројно поголем и изнесува 12800 книги.Уште од самиот почеток кога се отвори библиотеката таа доби диплома како најактивна библиотека во општина Карпош. Минатата година за првпат учествуваше на натпреварот "Млади библиотекари", на општинско ниво и освоивме второ место со ученичките Емилија Најдовска и Ана Франгова. На Републичко ниво Ана Франгова го освои третото место. Библиотеката одлично соработува и со наставничкиот кадар излегувајќи им во пресрет во секое време кога ќе им биде потребна стручна литературе. Благодарение на библиотекарската секција по повод Патрониот празник на нашето училиште се организира литературно читање на кое присуствуваат познати детски писатели и на тој начин им се овозможува на учениците да бидат поблиску до нив.
ЉУБИТЕЛИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК Во денешниот современ свет, за да се биде во чекор со светските збиднувања, неминовно е познавањето на англискиот јазик и работата со компјутерите. Нашето училиште е едно од првите основни училишта во Македонија кое ја има можноста за 24-часовен бесплатен пристап на интернет, спонзориран од МТ-нет, што за учениците пружа една одлична можност на комбинирање на знаењето од англискиот јазик и компјутерите. Со еден збор, комуникација со целиот свет и можност за презентација на училиштето и работата на учениците на меѓународно ниво. Секцијата по англиски јазик работи со примена на најновите и најсовремени методи на настава со помош на информациско-комуникациската технологија, колаборативни проекти и презентација на проекти на меѓународно ниво со помош на интернет. Со секцијата раководат професорките Билјана Трајкова, одделенски раководител на 6б одд. и Катерина Митевска, одделенски раководител на 7в одд. Оваа учебна година, 2003/2004 год., секцијата има за цел изработка на неколку проекти кои ке учествуваат на меѓународни “cyber” натпревари, како што е натпреварот на global school house организацијата од САД, презентација на проект на интернет по повод примање на нови земји членки во Европската Унија и изработка на веб сајт на училиштето.
МАТЕМАТИЧКА СЕКЦИЈА Во нашето училиште активно работи матеметичката секција во која учество земаат ученици од 5то до 8мо одделение. Математичката секција од 5то до 8мо одделение ја водат наставничките Рада Стаменкоска и Јадранка Георгиевска. На секцијата се решаваат задачи од учебници, разни збирки и математичкото списание "Нумерус". Талентот, интересот и љубовта кон математиката ги докажаа со постигнатите резултати на разни натпревари. Секоја учебна година, членови на оваа секција учествуваат на регионалниот натпревар, Републичкиот натпревар, Македонската математичка олимпијада, на кои освојуваа: пофалници, трета, втора и прва награда и медали. Особено овде да го споменеме ученикот Силјановски Виктор кој за сите четири години учествуваше на сите гореневедени натпревари и освои бронзен медал на Јуниорската Балканска математичка олимпијада одржана во Измир , Турција . Но ова не е се, многу наши ученици со своето учество допринесоа нашето училиште да биде едно од првите во општина Карпош.
Во О.У.Јан Амос Коменски работи секцијата млади физичари. Формирањето на секцијата Млади физичари датира уште од 1965 година. Во периодот од 1965-1978 год. со оваа секција раководеше наставникот Анѓел Жаков и во овој период учениците членови на секцијата постигнуваа значајни резултати.Од 1978 год. раководењето на оваа секција го води и организира наставничката Магдалена Кушевска. Во секцијата членуваат ученици од 7мо и 8мо одделение а се работи според однапред утврдена програма која ги проширува знаењата од областа на физиката, но соодветствува на возраста на членовите на секцијата. При тоа е оставен простор за обработување на нови содржини актуелни во дадениот момент како и можност учениците сами да предложат и реализираат дадени теми и содржини. Низ работата на секцијата голем број ученици се оспособија и зедоа активно учество во натпреварите на градско, републичко и сојузно ниво. Во поново време, младите физичари редовно учествуваат на два натпревари и тоа:
Меѓу позначајните ученички активности во нашето училиште високо место зазема и историската секција, со која повеќе од дваесет години раководи професорката Марика Јошева. Целта на оваа секција вели наставничката, е да се доближи подалечното и поблиското минато до учениците. Ваквото доближување на историското минато кај учениците создава способност за критички однос кон историските личности и настани. За секој празник оваа секција настапува со реферат. Заедно со професорката организира екскурзии од научен карактер, посета на културно-историски споменици. Исто така во склоп на секцијата млади историчари секоја година се организираат натпревари на Градско, Републичко и Сојузно (поранешна СФРЈ) ниво. Може само да се пофалиме дека редовно учествуваме на натпреварите и секогаш ги освојуваме првите или вторите места. Токму затоа и долгогодишната работа, ангажирањето, инвентивноста и креативноста професорката Марика Јошева се здоби со звањето Истакнат педагошки работник што ја доделува Заводот за школство во соработка со Министерството за образование. Исто така професорката беше долгогодишен надворешен соработник со издавачката куќа "Просветно дело" и "Табернакул", рецензент на учебникот по историја и работните тетратки. Неколку години таа беше и член на Комисијата за приправнички испити по историја.
Географијата, велат ни ги дополнува нашите видици, за да откриеме, осознаеме. Секој има желба да патува, а понекогаш часовите и секциите по географија ни го овозможуваат тоа. Токму затоа неизбежно е да се споменат успесите, работата на географската секција во изминатите четириесет години. Долги години географската секција постигнува врвни резултати на натпревари од општински, регионален и државен карактер. Горди сме на големиот број на дипломи добиени од работата на секцијата. Направени се многу истражувања кои генерации наназад ги паметат. Многу од наставниците веќе се во пензија но сепак се гордеат со своите постигнувања. Работата не заврчува тука, туку продолжува , и од 1998 год. под раководство на предметниот наставник Сашо Серафимовски, успесите се очигледни. Географската секција е проширена со уште два клуба: Училиштен астрономски клуб Никола Коперник, и Училиштен картографски клуб Клаудиј Птоломеј. На овие другарувања осознаваме нови теми кои досега не се допрени или истражувани. Како дополнување на работата секако дека треба да се спомене и географскиот училиштен весник Трагачи по вистината, кој изобилува со интересни, понекогаш за првпат слушнати географски занимливости. И, што да се каже уште. Работата на секцијата и клубовите овозможува да постигнуваме резултати и на сите видови натпревари . Тука само ќе додадеме: Ние младите географичари не сме само трагачи по вистината, туку секогаш сме и победници во стореното.
ИНФОРМАТИЧКА СЕКЦИЈА Во изминативе години со информатичката секција раководеа наставничките Дијана Ханџиска и Анита Штерјоска, а денес секцијата ја води наставничката Марина Петрушевска. Во секцијата членуваат ученици од 7-те и 8-те одделенија, и во неа се работи по програма која ги проширува знаењата од областа на информатиката, но сепак е прилагодена кон возраста и интересот на членовите. Оставен е простор за обработување на нови актуелни содржини и можности ученицицте сами да предложуваат и реализираат дадени теми и содржини. Кабинетот по информатика е опремен со солидна компјутерска опрема и интернет достапен 24 часа.
МЛАДИ ХЕМИЧАРИ Современо опремениот кабинет по хемија во училиштето дава најреални услови за работа на секцијата млади хемичари. Иако хемијата е комплексна и тешка наука но сепак интересна наука, желбата на учениците за учество во секцијата е голема. Оваа секција ги опфаќа учениците од 7мо и 8мо одделение. Секцијата активно работи со цел да се продлабочат знаењата од оваа област, а истовремено да се потикнат учениците за научна работа. Преку работата на оваа секција учениците се оспособуваат за примена на знаењата во практиката и животот, а преку набљудување и експериментирање да донесуваат свои заклучоци. На часовите се применуваат современи форми на работа, учениците имаат можност да истражуваат, набљудуваат и да доаѓаат до нови сознанија. Како резултат на таа љубов и интерес кон хемијата голем број ученици по завршувањети на основното училиште се определуваат за хемијата како своја идна професија. Истите денес се добри хемичари, металурзи, технолози, ... Учениците кои учествувале на повеќе натпревари постигнале добри резултати и добиле повеќе награди и признанија. Со секцијата работат наставничките Вера Мојсова и Сузана Стојанова.
БИОЛОШКА СЕКЦИЈА Секоја година во рамките на наставата по биологија се формираат и функционираат биолошка и еколошка секција. Во неа членуваат ученици вљубеници во природата и биологијата, кои досега ги организираше и водеше предметниот наставник по биологија Зорка Чочоровска, која секцијата ја организираше со цел збогатување и проширување на знаењата на членовите, кои покажуваат интерес за оваа наука, како и подигање на еколошката култура и свест за животната средина. Учениците се привлечени да членуваат во оваа секција поради блискоста на материјалот и поради активностите кои се изведуваат: истражувањето, експериментирањето и дисекцијата на објекти кои се наоѓаат во нивното опкружување, собирање на растителни збирки, непосредно набљудување на природата и појавите кои се одвиваат во неа, како и едукативни предавања за грижата, здравјето и чистотата на животната средина. На ваков начин учениците ги прошируваат своите знаења и подобро ги разбираат системите кои функционираат околу нив, и во самиот човечки организам. Со години наназад, резултатите од работата на биолошката и еколошката секција се презентитраат на натпревари, на кои учениците индивидуално го докажуваат своето знаење од областите: биологија, екологија и агротехника. Континуитет на успеси на секцијата придонесува нашето училиште да го задржи своето истакнато место во образовниот систем, на ниво на општина "Карпош". Професорката Маја Васовиќ Чочоровска, продолжува со успешно работење и афирмација на секцијата.
ХОРСКИ ИЗРАЗИ Хорското пеење е составен дел на музичкото образование во основните училишта. Тука доаѓа до израз желбата на учениците кои ја сакаат хорската музика и имаат можност да ја негуваат и усовршуваат. Од работата во наставата и на часовите по хорско пеење еден број на ученици што покажуваат интерес кон оваа уметност своето образование го продолжуваат во средното музичко училиште. Младата генерација низ ваквата активност се збогатува со естетски вредности и се приготвува за остварување на своите желби во понатамошниот живот. Денес има наши ученици кои се истакната академски музучари.
ЛИКОВНА СЕКЦИЈА Големиот македонски уметник Лазар Личеноски на едно предавање ја кажа следната мисла:"Во секој гест создавај естетика. Уметникот е тој кој уја создава, а љубителите на уметноста ја негуваат". Младите генерации се тие од кои ќе се родат млади уметници-ликовни творци, но и многубројни љубители, симпатизери, колекционери и почитувачи на уметноста. Учениците од О.У. Јан Амос Коменски континуирано учествуваат на различни наградни ликовни конкурси , од општински, градски, републички и меѓународен карактер, каде освојуваат високи награди. Минатата година, секако за одбележување беше златната медаља на ученичката Мартина Дабевска, освоена на меѓународната изложба, како и освоениот бронзен медал на Деспотовска Милица. Во нашето училиште, секцијата ја води наставникот Спасе Ѓорѓиевски кој ги подготвува учениците за идни ликовни творци-уметници.
СЛОБОДНИ ТЕХНИЧКИ АКТИВНОСТИ Трационално, клубот млади техничари работи уште од постоењето на училиштето. Задача на клубот е да ги открие младите таленти и да ја збогати нивната креативност, да ги оспособи за остварување на разни задачи во современиот живот. Низ практичната работа на овој клуб се развиваат знаења и способности од областа на техниката. Секцијата млади техничари, што опфаќа повеќе дисциплини, секоја година зема активно учество на сите натпревари што ги организира Народна техника, каде што нашите ученици се редовни посетители и каде постигнуваат врвни резултати на традиционалните "Смотри на млади техничари и природњаци". Со секцијата раководи наставикот Спасе Колеќевски.
ФИЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ (види фото галерија) Потребата на учениците да се занимаваат со спортски активности стана неизбежен фактор и важна алка во синџирот на квалитетно и физичко образование кај младите. Во оваа возраст идеално е времето за изведување на нивниот правилен и сигурен развој на физичките способности кај младите и создава здрава, развиена и креативна личност со развиени рефлекси и смисла за импровизација. Ако се послужиме со изреката "Во здраво тело здрав дух" можеме слободно да кажеме дека сите спортски дисциплини во нашето училиште се застапени. Најактивна е кошаркарската секција. Со оваа секција учениците редовно настапуваат на сите натпревари и редовно ги освојуваат највисоките награди. За тоа сведочат многубројните пехари, пофалници, дипломи. Минатата година во организација на Локалната самоуправа нашите кошаркари освоија 1. место, а кошаркарите беа наградени со десетдневно летување во Охрид. Со овие спортски активноси во нашето училиште раководат наставниците Круме Трајковски и Марјан Угриновски.
|