|
|
Директор-Маја Старова
Маја Старова, директор 40 - ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И РАБОТАТА НА УЧИЛИШТЕТО Деновиве се навршуваат 40 години откако Основното училиште "Јан Амос Коменски" - Скопје, започна со работа. Четири децении нашето училиште воспитува и образува младигенерации,и со успех ги извршува поставените задачи. Всушност училиштето претставуваше замена за познатото основно училиште во градот "Гоце Делчев"кое прородната стихија до темел го разруши на 26 јули 1963 година. Лоцирани во центарот на градот, со име на најголемиот македонски син-идеологот на македонскиот народ претставуваше гордост на градот, на наставниците и учениците кои работеа и учеа во него. Земјотресот го разруши Скопје, но тоа не беше оставено само. До израз дојде вистинската солидарност и хуманост. Први ја искажаа таа солидарност југословенските народи и народности. Делеа од своите материјални можности и лично учествуваа во отстранувањето на последиците и во изградбата на Скопје. Дојде до израз светската солидарност и хуманост. Се трасираа нови улици кои ги добиваа имињата на градови или држави кои помагаа во изградбата на Скопје. Се формираа нови населби во кои се градеа училишта, болници и други потребни објекти. Во новата населба "Тафталиџе", како подарок од народот и владата на Чехословачка се изгради нов училишен објект, кој го доби името на големиот чешки и светски педагог, филозоф и книжевник Јан Амос Коменски Во наставата посебно се води грижа за иновациите. Во нашата педагошка теорија категориите наставна активност, активно учење,субјективност на ученикот, соработничко учење и интеракција во наставата како носечки параметри на активна настава беа предмет на проучување неколку децении. Од тука произлезе потребата од проектот ,, Активна настава- интерактивно учење,, кој во нашето училиште е воведен во 1996 год., да денес премине во секојдневен стил на работа во нашата наставна практика. Активната настава внесе освежување во практиката преку нови динамични модели на работа кои училницата ја претворија во пријатно и привлечно катче за работа. Нашето училиште е меѓу првите училишта во Македонија, во кое се воведе Описното оценување на постигањата на учениците од прво, второ и трето одделение од страна на Одделението за оценување во Бирото за развој на образованието. Описното оценување ја овозможува и поттикнува индивидуализацијата во наставата како и самообразованието, а учениците не се оптоварени со оценката, туку појасно ги согледуваат своите постигања, грешки и слабости. Од минатата учебна година училиштето е вклучено во проектот,, Информациско комуникациската технологија во наставниот процес,, . Со професионална обука на наставниците се постигна интегрирање на информациска технологија во процесот на учење, а на учениците им се овозможи учење преку истражувачки приоди како и комуникација со луѓето и културите надвор од нивната заедница со помош на Интернетот. Неколку години училиштето е вклучено во проектот,, Инклузија на деца со посебни потреби,, . Училишниот тим имаше соодветна обука за работа со овие ученици. Во училишниот тим има вклучено родители, дефектолози како и студенти од Педагошкиот факултет кои помагаат во работата со децата со посебни потреби. Оваа учебна година продолжи работата на наставниците за реализацијата на проектот,, Идентификација на надарени деца,,. Со оглед на тоа што наставниците ја завршија идентификацијата на надарените деца уште минатата година , оваа година пристапија кон работа и диференцијални задолженија со овие деца. Во последните години, училиштето се соочува со мошне сериозни проблеми. Тие произлегуваат од веќе поодамна изминатиот амортизационен векна училиштето. Условите за работа се релативно задоволителни, а материјалните издатоци се многу големи и ги надминуваат сите наши можности за подобро и целосно одржување и создавање подобри услови за работа. Се надеваме дека наредните Патронати ќе ги прославуваме во ново училиште. Прославувајќи го нашиот јубилеј и сумирајќи ги нашите 40-годишни резултати, изразуваме искрена благодарност кон сите оние кои директно или индиректно дадоа придонес за нашите севкупни остварувања Маја Старова, директор
|